Кремељ апелира за „политичка мудрост“ на Белата куќа

Русија се надева дека Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе покаже политичка мудрост и волја да за решавање на проблемот со запленетиот руски дипломатски имот во САД, изјави денеска потпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Ваквата изјава на Песков доаѓа во пресрет на денешната средба на рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков со американскиот државен подсекретар Томас Шенон, посветена на спорот околу имотот.

Како што јави ТАСС, Песков на денешната прес-конференција ја повтори руската позиција дека дипломатскиот имот треба да и биде вратен на Русија без никакви предуслови, бидејќи постапката на Вашингтон „де факто и де јуре претставува апсолутно прекршување на меѓународното право“.

Претходно, Белата куќа соопшти дека американската Администрација би можела да го разгледа прашањето за деблокирање на рускиот дипломатски имот во САД доколку Москва „покаже чесни намери кон Сирија“.

Руски официјални претставници претходните денови изјавија дека во Москва се активни голем број американски шпиони кои се кријат зад дипломатскиот имунитет, па не е исклучено Русија да протера некој од нив.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова минатата недела изјави дека освен протерувањето на дел од службениците во Американската амбасада во Москва, Русија би можела да одземе и една вила и едно складиште во сопственост на САД, како реципрочна мерка на претходно преземените активности од страна на Вашингтон.