Лавров: Во прагматичниот разговор со Тилерсон не се разгледани санкциите

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, на првото странско патување на функцијата се сретна со рускиот колега Сергеј Лавров, на маргините на Г-20 самитот во Бон, Германија. Фокусот на разговорите се идните односи САД-Русија, во светлото на врските на администрацијата на претседателот Трамп со Кремљ.

„Треба да знаете дека не се мешаме во внатрешните работи на други земји“, изјави Лавров.

Тилерсон и Лавров треба да ги допрецизираат темите за кои разговараа по телефон Трамп и Путин на 28 јануари и изразија надеж дека ќе ги воспостават „параметрите на натамошната соработка“. Американскиот државен секретар изјави дека САД се подготвени да работат со Русија во областите од заеднички интерес, но ќе се спротивстават доколку се спротивни на интересите и вредностите на САД и нивните сојузници. Тилерсон додаде и дека Москва мора да се придржува до преземените обврски во однос на Украина.

„Додека бараме заеднички области, очекуваме Русија да ги испочитува обврските во однос на договорот од Минск и да работи на деескалација на насилството во Украина“, истакна Тилерсон.

Според Стејт Департментот, главната на првата посета во странство на Тилерсон е да ги слушне своите колеги од Г-20 групата. Сепак, најблиску беше следена неговата средба со Лавров, кој го искористи разговорот да ги испита намерите на новата администрација по повиците на претседателот Трамп за подобрување на односите со Русија. Тилерсон исто така се сретна со британскиот секретар за надворешни Борис Џонсон и изјави дека поддржува прагматичен Брегзит кој ќе резултира со силна Британија и силна Европска Унија. На маргините на самитот разговараше и со делегацијата на Јемен, една од седумте муслимански земји вклучени во забраната за патување на Трамп и со шефот на дипломатијата на Саудиска Арабија. Министрите на земјите учеснички на самитот од своја страна се обидуваат да дознаат од него што мислел во пракса Трамп со зборовите „Америка на првото место“.

Ивана Салтировска