Медиумите за обраќањето на Пуџдемон: Каталонскиот лидер не ни спомена „независност“

Медиумите во своите коментари за вечерашното телевизиско обраќање на претседателот на регионалната Влада на Каталонија, Карлес Пуџдемон, оценуваат дека каталонскиот лидер бил „внимателен“ во говорот и дека во ниту еден момент не го споменал зборот „независност“.

Обраќањето на Пуџдемон уследи по одлуката на Владата во Мадрид за распуштање на каталонските регионални власти и за распишување на нови избори во Каталонија.

Медиумите забележуваат дека најголем дел од говорот на Пуџдемон беше на каталонски јазик, но и оти во обраќањето зборуваше и на шпански и на англиски.

Во делот од говорот на шпански, тој го обвини Мадрид за „напад на демократијата“, додека на англиски оцени дека со мерката на шпанската Влада „се загрозени европските вредности“.

Во коментарите се оценува дека иако Пуџдемон во ниту еден момент не го спомена зборот независност, сепак неговите пораки „содржат прикириени закани дека ќе продолжи со планот за прогласување независност“ на Каталонија.

Пуџдемон вечерва во телевизиското обраќање порача дека каталонскиот народ не може да ги прифати мерките на шпанската Влада.

Тој побара одржување седница на каталонскиот Парламент на која би се расправало за мерките што ги презема Владата во Мадрид, кои практично значат суспензија на каталонската автономија.

– Го молам Парламентот да се состане на пленарна седница на која ние, претставниците на суверенитетот на граѓаните, ќе може да одлучиме во врска со овој обид за ликвидација на нашата влада и нашата демократија, потенцира Пуџдемон. – Со ваквите потези Владата во Мадрид не го почитува владеењето на правото, порача Пуџдемон.

Според него, мерките на шпанската Влада претставуваат „најлош напад врз институциите и народот на Каталонија од воената диктатура на Франциско Франко”.