Меркел: Неприфатливо е Унгарија да не го почитува Европскиот суд

 

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е неприфатливо тоа што Унгарија ја игнорира пресудата на Европскиот суд, според која, земјата мора да прифати одреден број бегалци согласно планот на ЕУ.

– Неприфатливо е една влада да каже дека не ја интересира пресуда на Европскиот суд на правдата. Европа е место уредено со закони, рече Меркел за „Берлинер цајтунг”.

Таа додаде дека на самитот на ЕУ во октомври тоа прашање ќе мора да се разгледа.

Европскиот суд на правдата минатата седмица го отфрли барањето на Унгарија и Словачка да бидат изземени од Програмата на ЕУ за задолжителни квоти за разместување на бегалци од Грција и Италија во други земји на ЕУ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан веднаш потоа изјави дека „ја зел предвид” пресудата на Европскиот суд, но дека нема да го промени својот став за прифаќањето имигранти.