Меркел очекува тешки преговори за формирање на нова влада

Владејачкиот конзервативен блок на Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Христијанската социјална унија (ЦСУ), предводен од германската канцеларка Ангела Меркел, победи на вчерашните парламентарни избори во Германија со освоени 33,9 отсто гласови, покажуваат прелиминарните конечни резултати.

Како што јави ДПА, коалицискиот партнер на ЦДУ/ЦСУ, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц се пласира на второто место со освоени 20,5 проценти.

Најголем успех на изборите постигна екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД), која доби 12,6 отсто од гласовите и првпат обезбеди мандати во Бундестагот.

Либералната Слободна демократска партија (ГДП) освои 10,7 проценти од гласовите, партијата Левица 9,2, алијансата Зелени 8,9 отсто. Ниту една од останатите партии не освои места во Бундестагот.

Меркел во првата изјава по објавувањето на резултатите, изјави дека не може да гарантира дека до крајот на годинава ќе успее да состави новата Влада, но ја исклучи можноста за формирање малцински кабинет.

На прашањето дали е можно да биде формирана малцинска влада, Меркел одговори дека „не размислува за тоа“, додавајќи дека има намера Германија да добие „стабилна влада“.

Меркел наведе дека очекува тешки преговори за составвуањето на новата германска влада.

Според прелиминарните податоци, своето право на глас го искористиле 75 отсто од гласачите.