Мрачно расположение во штабот на Клинтoн, весело кај Трамп

Во завршницата на пребројувањето на гласовите на претседателските избори во САД, во изборниот штаб на демократската кандидатка Хилари Клинтон владее тмурно расположение, додека кај нејзиниот ривал, републиканецот Доналд Трамп има славеничка атмосфера.

Приврзаниците на Клинтон скаменето гледаат во екраните со резултати, некои плачат и заминуваат додека пребројувањето на гласовите се уште трае, пренесува Танјуг.

Илјадници приврзаници се собраа во Џавитс центарот за да присуствуваат на изборната ноќ и да навиваат за Хилари Клинтон, додека таа, нејзиното семејство и блиските соработници ги минуваат часовите во апартман во хотелот Пенинсул Њујорк на Менхетн.

За разлика од нив, директорката на кампањата на Доналд Трамп расположението во Трамповата кула го опишува како „весело“.

Надежите на неговиот тим растат со пристигнувањето на преброените гласови.

Илјадници негови приврзаници се собраа во сала во еден хотел на Менхетн за да ги следат резултатите.

Според последните резултати, Трамп води со 244 наспроти 215 изборни гласови, кои ги освои Клинтон.