НАТО распоредува воени сили во близина на Русија

Во тек на вториот ден од состанокот на министрите за одбрана, членки на  НАТО во Брисел, Министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис, ја отфрли можноста за било каква воена соработка меѓу САД и Русија, истакнувајќи дека во овој момент не постојат услови за тоа.

„Во моментов не сме во позиција да соработуваме на воено ниво. Но, ќе се ангажираме политички. Нашите политички лидери ќе обидат да најдат заеднички јазик. Пред да се воспостави воена соработка  Русија прво ќе мора да покаже дека е способна да го почитува меѓународното право.“ , изјави Џим Матис, министер за одбрана на САД.

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, претходно рече дека Москва е „подготвена да ја обнови соработката со Пентагон“. САД ја прекинаа воената соработка со Русија во 2014 година по руската анексија на Крим.

Генералниот секретар, Јенс Столтенберг на состанокот во Брисел, изјави дека НАТО ќе го зголеми присуството и надзорот на територијата на Црно Море, во рамки на распределбата на воените сили во близина на Русија.

„Се договоривме да го зголемиме своето присуство со цел изведување на воени вежби и подобро набљудување на ситуацијата.“, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Столтенберг наведува дека министрите за одбрана донеле таква одлука заради зголемените тензии со Русија и дека НАТО нема намера да предизвикува судири или ескалација на тензии.

Официјален претставник на НАТО, кој сакаше да остане анонимен, за АФП изјави дека една од целите за ваквата одлука е собирање на оперативни податоци за локации на руските ракети земја-воздух.

Сојузниците на НАТО, Турција, Бугарија и Романија го делат излезот на Црно Море, како и партнерите Украина и Грузија кои имаат територијални судири со Москва.

Исо Мухиќ