Одобрено поставување споменик на Солжењицин во Москва

Комисијата за култура и информирање на московскиот Парламент го поддржа предлогот за поставување споменик на писателот Александар Солжењицин во 2018. во Таганскиот реон на Москва, изјави денеска претседателот на Комисијата Јевгениј Герасимов.

„Предлогот го поднесе Здружението на руската дијаспора ’Солжењицин’ и неговиот директор Виктор Москвин. Ќе биде отворен конкурс за проект за споменикот кој ќе се наоѓа на плоштадот во Солжењициновата улица“, рече Герасимов за ТАСС.

Тој додаде дека споменикот ќе биде отворен на стогодишнината од раѓањето на писателот, 2018 година.

Александар Солжењицин беше руски писател, издавач, поет, општествен и политички работник, а живееше во Советскиот Сојуз, Швајцарија, САД и Русија.

За време на Втората светска војна, од 1943 до 1945 беше командант на разузнавачка единица со чин капетан.

Уапсен е во февруари 1945 и поради „антисоветска агитација и обид за создавање антисоветска организација“ осуден е на осум години во поправно-работен логор и трајно прогонство.

Нобелова награда за литература доби во 1970 година за „етичка сила со која ја следеше традицијата на руската книжевност“.

Најпознати дела му се „Еден ден на Иван Денисович“, „Архипелаг Гулаг“, „Одделение за рак“ и „Прв круг“.

Солжењицин почина во 2008 година во Москва, на 90 години.