Пакетот со експлозив за Шојбле бил испратен од Грција

Пакетот со експлозив, што по пошта пристигнал во германското Министерство за финансии, во Берлин, на адреса на министерот Волфганг Шојбле, бил испратен од грчката престолнина Атина, пренесоа француските медиуми, цитирајќи анонимен грчката политички извор.

Изворот додава дека германските и грчките власти соработуваат во истрагата за случајот.

Германскиот весник „Билд“, цитиран од ТАСС; вчера напиша дека за испраќач на сомнителниот пакет бил наведен грчкиот пратеник Спиридон-Адонис Георгиадис.

– Очигледно дека терорист или терористи го искористиле моето име, бидејќи во Грција јас важам за пријател на Германија и на господинот Шојбле, наведе Георгиадис.

Претходно беше соопштено, дека поради сомнителниот пакет евакуирани се неколку простории од зградата на Министерството во Берлин.

Беа повикани експерти за експлозиви, кои го уништија со контролирана експлозија.

Според податоци на берлинската полиција, експлозивот во пакетот бил со ниска моќност, сличен на оние што се употребуваат во огнометите.

Тој, сепак, можел да предизвика бројни повреди, доколку бомбата експлодирала при отворање.