По Трамп на Европа и се заканува популистичко цунами

Сега кога Доналд Трамп на американските избори ја победи демократската противкандидатка Хилари Клинтон, популистичкото цунами кое пред неколку месеци се чинеше бизарно, станува реалност, а последиците за европското политичко миље можат да бидат огромни, пренесе хрватската агенција ХИНА.

Имено се потсетува дека уште во мај, додека победата на Трамп се сметаше за речиси невозможна, еден висок европски функционер предупреди на „сценарио од хорор”.

Пред самитот на G7 во Токио, Мартин Селмејр шеф на кабинетот на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, напиша на својот Твитер:

„Замислете наместо Барак Обама, Франсоа Оланд, Дејвид Камерон и Матео Ренци, на самитот на G7 идната година да дојдат Доналд Трамп, Мари Ле Пен, Борис Џонсон, Бепе Грило”. По месец дена подоцна Британија го шокираше светот со гласање за излез од ЕУ. Камерон поднесе оставка на должноста на премиер, Џонсон поранешниот градоначалник на Лондон, кој ја водеше кампањата за Брегзитот, стана министер за надворешни работи.

Имено, ХИНА предвидува дека наредните години гласачите во Холандија, Франција и Германија, а можно е и во Италија и Британија, ќе излезат на избори, по триумфот на Трамп и Брегзитот, како „токсична политика која беше водена за таа кампања”.

Европските популистички партии, кои ја поздравија победата на Трамп во средата, сигурно нема да ја заборават лекцијата извлечена од тоа.

„Денес САД, утре Франција” – напиша на Твитер основачот на францускиот Национален фронт Жан Мари Ле Пен, татко на шефицата на таа партија.

Даниел Шварцер, директорка на истражувања во Германскиот совет за надворешни односи (DGAP) рече дека агресивната тактика на Трамп претставува модел за популистичките европски партии во претстојните кампањи.

„Разбиените табуа, со размери на политички судири, Трамповата агресија која ја видовме, тоа може да го прошири делокругот на тоа што станува замисливо во нашата сопствена култура” – рече Шварцер. Во почетокот на идниот месец Австријците ќе го повторат кругот на претседателските избори на кои може да однесе победа Норберт Хофер од Слободарската партија и да стане прв крајно десен шеф на државата во Западна Европа, од Втората светска војна.

Истиот ден референдумот за уставни реформи, со кој премиерот Ренци ја ризикува својата иднина, може да го наруши политичкиот ред во Италија и да биде ветер во грбот на левичарското популистичко движење Пет ѕвезди на Грил, со што ќе биде поблиску до освојување на власта. Десничарските националисти веќе ги водат владите во Полска и Унгарија, потенцира ХИНА и додава дека во Западна Европа за сега се чини далечна можност некој како Трамп да ја преземе власта.

Во Франција која има претседателски систем, многу се мали шансите Мари Ле Пен да победи на претседателските избори на пролет на кои фаворит е Ален Жипе.

Меѓутоа, истражувањето на јавното мислење покажува дека Ле Пен ќе освои поголема поддршка од кој било друг политичар во првиот круг на изборите. Дури и ако изгуби во вториот круг, на што укажуваат анкетите, нејзиниот настап веројатно ќе се смета за пресвртница за крајната десница на континентална Европа.

Како што се наведува, тоа би можело да даде силна платформа за борба против реформите кои ги ветува Жипе и неговите конзервативни противкандидати за претседател.

Во Германија, каде избори ќе се одржуваат идната есен, против мигрантската партија Алтернатива за Германија (АфД) стана сила на државно ниво само по три години откако е основана. Германската канцеларка Ангела Меркел е казнета на низа регионални избори поради својата политика кон мигрантите.

Се додава дека Меркел би можела најрано следниот месец да објави дека планира да влезе во четврти мандат и ако се кандидира, според моменталните анкети, видена е како победник. Меѓутоа, таа остана без поддршка од сестринската конзервативна партија, баварската ЦСУ. Нејзината единствена опција за задржување на власта би можела да биде во партнерство со традиционалниот противник – социјалдемократите, што е комбинација која до неодамна се сметаше за невозможна, но сега стана норма.

„Големата стабилност на германскиот политички систем во повоениот период беше изградена на неговите две умерени партии” – рече Шварцер. „Но, ако сегашниот тренд продолжи, дури и големите коалиции можеби повеќе нема да имаат доволна поддршка за да владејат”.

А дека популизмот зема замав, сведочи и тоа дека во Хрватска Иван Пернар од Живиот ѕид речиси секојдневно е на вестите на главните медиуми.