Поддржувачите на Клинтон бесни на Македонците кои правеле сајтови за Трамп

Кампањата на Хилари била предупредена за наездата од анти Клинтон содржини, но од нејзиниот тим тоа никој не го сфатил сериозно. Сториите од Македонија директно му помогнаа на Трамп, велат познавачите, пренесува Дојче Веле.

Пропагандата за Доналд Трамп и против Хилари Клинтон која доаѓаше од Македонија во текот на изборната кампања во САД, директно му помогна на републиканскиот кандидат и избран-претседател на најмоќната држава во светот. Експерти од САД кои го истражувале влијанието на про-Трамп страниците од Македонија за „Базфид“ тврдат дека тие направиле хаос на интернет.

Џон Матес адвокат и поранешен новинар и советник во Советот за истраги на американскиот Сенат ги истражувал Фејсбук профилите кои ги промовирале лажните вести и интернет порталите и нивното потекло. Открил дека овие портали биле водени од луѓе во Велес, како веќе пишуваше ДВ. На дел од профилите на спамерите, градот Велес бил наведен како место на живеење.

„Во периодот откога на Хилари и се слоши и изгуби свест пред камерите, нашата Фејсбук група беше преплавена со лажни статии исполнети со омраза кон Хилари. Луѓето ја обвинуваа Хилари за убиство на опонентите, а беше и пишувано дека во јавните настапи користела двојници“, вели за Базфид,

И други Американци имале лошо искуство со спамерите од Македонија. „Овие опортунисти ќе искористат сѐ за да направат пари“, вели Сара Томпсон, домаќинка и мајка на четири деца која живее на фарма во Индијана, САД. Откако забележала дека во Фејсбук групата за коњи во која таа членува се споделуваат сомнителни вести, Томпсон започнала да го истражува нивното потекло што резултирало со откривање на стотици лажни Фејсбук профили кои промовирале вести од интернет портали кои потекнуваат од Велес.

Сајбер-криминалци или профитери?

Бројот на невистинити вести од Македонија станал толку голем што сопственик на 10 лажни интернет портали од САД го контактирал Базфид за да го изрази своето незадоволство од наездата на македонските про-Трамп спам Фејсбук групи.

default
Она што најмногу вознемирува е тоа дека сториите од Македонија директно му помогнаа на Трамп, вели Џон Матес
Томпсон вели дека политичките интернет портали се само дел од мрежата на лажни Фејсбук профили и интернет портали кои потекнуваат од Македонија и други источно европски земји. „Не се само изборите, туку и начинот на кој се изигрува Фејсбук“.

Еван Блер, ко-основач на компанијата за безбедност на социјални медиуми „ЗироФокс” објаснува дека ваквата тактика е широко распространета помеѓу сајбер криминалците. „Тактиката која се користи се спроведува во огромни пропорции од страна на многу големи, добро организирани и финансирани сајбер криминални групи“, изјави Блер и додаде дека не може да коментира за нивото на организираност и софистицираност на луѓето кои оперираат од Велес.

„Лажното претставување на Фејсбук е против нашите политики и ние имаме посебен тим кој посветено се бави со откривање и блокирање на лажните профили“, изјави портпарол на Фејсбук за Базфид. Од Фејсбук исто така изјавија дека содржините за кои ќе биде утврдено дека се „лажни или неточни, добиваат намалена дистрибуција на Фејсбук, независно дали потекнуваат од групи или не“.

Сепак, од компанијата исто така потенцираа дека оригиналниот пост останува онлајн, се додека администраторот на групата не одлучи да го отстрани.

Директна помош од Македонија

Џон Матес верува дека операцијата со која се таргетираше Берни Сандерс е повеќе од едноставна шема за правење пари.

„Она што најмногу вознемирува е тоа дека сториите од Македонија директно му помогнаа на Трамп“, вели тој. „Сториите ги таргетираа поддржувачите на Сандерс, со што предизвикаа сериозни сомнежи за Хилари во клучниот гласачки блок“.

Тој е загрижен дека сето тоа било дел од таргетирана акција да се обесхрабрат гласачите на Сандерс со цел да му се помогне на Трамп. Матес изјави дека ја информирал кампањата на Хилари и предупредил за наездата од анти Клинтон содржини. Но, од тимот на Хилари никој не го сфатил сериозно.

Дел од поддржувачите на Трамп ги забележале Македонците и нивните активности уште во текот на летото. Група од нив формирале јавна листа наречена „Red Flag Spamsites” на која биле наведени непроверените и сомнителните содржини кои доаѓаат од македонски и други интернет портали.

За Матес „шокантно е што странски елементи влијаеле на изборите во САД“. Но, засега не постои доказ дека станува збор за организирана кампања против Клинтон.

Сара Томпсон вели дека во нејзиното повеќе месечно истражување открила мрежа од стотици лажни профили кои промовираат голем број на различни страни, дел од кои се потекнуваат од источноевропски држави. „Пријавив преку 250 лажни профили во период од една недела“ изјави Сара и додава дека според нејзините проценки Фејсбук отстранил околу 75% од пријавените.

Матес и Томсон велат дека спамерите од Македонија продолжуваат да предизвикуваат хаос. Групата во која членува Матес била составена од поддржувачи и критичари на Клинтон, но веќе загубила голем дел од членовите. „До септември, поддржувачите на Берни ја напуштија групата“, вели тој.

Дојче Веле