Политиката на Бил Клинтон кон Балканот

Статуата на Бил Клинтон во Приштина веројатно најдобро зборува за неговата политика на Балканот и последиците кои тaa ги предизвикалa. Албанците го сакаат, Србите го мразат – ова е општиот впечаток кој може да се добие од ставовите на мнозинството на овие народи.

Ова се должи на фактот што како претседател на Соединетите Американски Држави од 1993 до 2001-та година, Бил Клинтон ги помина најголемите судири на Балканот во поновата историја. Директно влијаеше на конфликтот во Босна и Херцеговина, а подоцна и на војната во Косово и бомбардирањето на Србија. Во 1994-та година, Клинтон се спротистави на обидот на дел од конгресмените да биде подигнато ембаргото за тргување со оружје со земјите од поранешна Југославија, но американската администрација воведе економски санкции кон Србија. Во екот на борбите во Босна и Херцеговина, по вториот масакр на плоштадот Маркале во Сараево, во 1995-та година, американската армија и силите на НАТО почнаа со воздушни напади врз босанските Срби, кои беа обвинети за бомбардирање на цивили. Операцијата беше наречена Намерна сила и траеше од 30-ти август до 20-ти септември. Потоа почнаа мировните преговори, кои завршија со постигнување на Дејтонскиот договор. Документот го потпишаа тогашните претседатели на Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, Слободан Милошевиќ, Фрањо Туѓман и Алија Изетбеговиќ. Како еден од меѓународните гарантори на договорот е и Бил Клинтон.

„Ова лето, бомбардирањето на босанските Срби, повторно ги претвори босанските игралишта во полиња на смртта. Како одговор, САД ги предводеа жестоките и континуирани воздушни напади на НАТО, голем дел од нив предводени од вешти и храбри американски пилоти. Овие воздушни напади, заедно со обновената одлучност на нашите европски партнери и Русија, како и босанските и хрватските напредувања на боиштата, ги убедија Србите, конечно да помислат на мир. / Конечно, пред три недели, муслиманите, Хрватите и Србите дојдоа во Дејтон, Охајо, во срцето на Америка да преговараат за решение. Таму, изморени од војната, се обврзаа на мир. Се согласија да ги остават оружјата, да ја зачуваат Босна како една држава, да ги истражат и судски да ги гонат воените криминалци, да ги заштитат човековите права на сите граѓани и да се обидат да изградат мирна, демократска иднина. Исто така, побараа помош од Америка за да го имплементираат овој мировен договор.“, истакна Бил Клинтон – поранешен претседател на САД  (27.11.1995)

Во 1998-та година, етничките тензии во регионот повторно се разгореа. Централно жариште овој пат беше Косово. Вооружената групација ОВК или Ослободителната војска на Косово, започна да напаѓа полициски станици и други цели на српските безбедносни служби. Официјален Белград ги нарече терористичка организација и отпочна офанзива против нив, додека мнозинството од албанското население ги гледаше како ослободители и борци за нивните права. Американскиот дипломат Роберт Гелбард исто така ги нарече терористи, но само неколку месеци потоа оствари средба и разговори со дел од политичките лидери на оваа организација. Паралелно со ова, претседателот на тогаш непризнаената држава Косово, Ибрахим Ругова, замина во Вашингтон на средба со Бил Клинтон, каде побарал поголема поддршка од Соединетите Американски држави. Една година подоцна, американската армија заедно со силите на НАТО започнаа да ја бомбардираат Сојузна Република Југославија. Како повод беше наведно одбивањето на српските власти да го потпишат мировниот договор изготвен од САД, кој предвидуваше распоредување на војници на НАТО во Косово и Србија за спроведување на мирот.

„Денес, нашите вооружени сили им се приклучија на НАТО сојузниците во воздушните напади против српските сили одговорни за бруталноста во Косово. Постапивме одлучно поради неколку причини. Делуваме за да спречиме илјадници невини луѓе во Косово од растечката воена офанзива. Сакаме да спречиме поголема војна, да го разлееме бурето барут во срцето на Европа, кое експлодираше два пати во овој век со катастрофални резултати. Исто така делуваме обединето со нашите сојузници за мир. Со овие постапки, ги браниме нашите вредности, ги заштитуваме нашите интереси и ја унапредуваме каузата за мирот“, посочи Бил Клинтон – поранешен претседател на САД  (24.03.1999)

Операцијата беше спроведена без согласност на Советот за безбедност на Обединетите нации. Таа траеше околу два и пол месеци и резултираше со стотици цивилни жртви, уништена инфраструктура и воени капацитети. Бомбардирањето заврши со потпишувањето на Кумановскиот договор во Македонија. Потоа, југословенските сили се повлекоа Косово, каде почна административната и миротворна мисија на Обединетите нации.

Македонија, како гранична зона на конфликтот во Косово, беше прибежиште за десетици илјади бегалци. Прифатните кампови беа посетени од тогашниот американски претседател кратко по завршувањето на воените дејствија, а покрај него беше и неговата сопруга и кандидат за нов претседател на САД, Хилари Клинтон. Тие беа дочекани и испратени од бегалците како херои.

„Горди сме на тоа што го направивме и за тоа што се залага Америка. Сметаме дека никој никогаш не треба да биде казнет, дискриминиран, убиен или протеран поради нивата религија или етничка припадност. Чест ни е што сме овде со вас.“, додаде Бил Клинтон – поранешен претседател на САД  (23.06.1999).

Благодарноста на косовските граѓани кон Клинтонови може да се види и ден денес. Во центарот на Приштина е исправена три-метерска статуа на Бил Клинтон, која беше поставена во 2009-та година. На церемонијата присуствуваше и самиот тој, кој им се заблагодари на присутните за честа која му ја укажуваат и рече дека му е мило што помогнал да им се озовможи подобра иднина. Неговото име го носи и булеварот на кој е поставена скулптурата, а недалеку од ова место може да се види и бутикот за женска облека Хилари, место кое и самата го посети.

Додека Бил Клинтон беше претседател, Соединетите Американски Држави ја признаа суверена Македонија во 1994-та година, а дипломатските односи беа воспоставени една година подоцна, иако под нашето уставно име бевме признаени дури во 2004-та година, од неговиот наследник, Џорџ Буш. Клинтон имаше две средби со првиот македонски претседател Киро Глигоров.

„Го носевте овој товар за висока цена и значителен ризик, за заедно да можеме да целиме кон визија за југоисточна Европа, многу поразлична од ужасното етничко чистење во Косово и Босна. Го сопревме тоа. Сега е време да градиме подобра иднина и ви ветувам дека САД ќе работат заедно со вас“, истакна Клинтон, поранешен претседател на САД

Клинтон се верува дека одиграл улога во вршењето притисок за подигнување на ембаргото од Грција. Неговата администрација во неколку наврати во деведесетите години ја истакна важноста на македонската влада и држава во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот.

Матеја Николовски