Претседателските соништа на Хилари ги урнаа гласачите на Берни Сандерс

Доналд Трамп стана 45-тиот претседател на Соединетите Американски Држави благодарение на традиционално демократските држави. Причините за поразот на Хилари Клинтон пред сѐ треба да ги бара во сопствените редови, и тоа меѓу гласачите на Берни Сандерс.

Долга и исцрпувачка, за Клинтонка неочекувано тешката партиска борба со Сандерс остави многу поголеми последици отколку што во прв момент се мислеше. Стариот сенатор од Вермонт толку ја оцрни поранешната државна секретарка, што ни неговиот подоцнежен апел до своите гласачи да ја поддржат Клинтон очигледно не даде плод.

Бидејќи, како поинаку да се објасни фактот што Трамп победи во неколку традиционално демократски држави, како Висконсин, а ги освои и сите најважни неопределени држави (swing states).

За време на кампањата Берни ја нарече Клинтон „корумпирана слугинка на Вол стрит и на крупниот капитал“, суптилно укажуваше на нејзиниот скандал со мејловите, истакнуваше дека зема огромни пари од банките за своите мотивациски говори… а потоа истиот репертоар на критики го презема и Трамп, додавајќи нешто и од својот арсенал.

Тука се гледа суровоста, и, може да се каже, лицемерството на американскиот изборен процес. Во безмилосната борба за партиската номинација двајцата сојузници се бореа толку жестоко што практично му ја подарија победата – на противникот, и тоа на најлошиот можен. Овој пат очигледно не профункционира стандардната стратегија „пу, пу, не важи“ – навредувањето и уништувањето на репутацијата за време на предизборниот процес гласачите не ја заборавија.

Додадете ја тука и кампањата на Хилари, која во последните недели повеќе се фокусираше на венецуелската мисица која Трамп ја навредил поради дебелината, отколку на посетување на токму оние држави кои ѝ ја одземаа фотелјата во Овалната канцеларија пред носот, и го добивате Доналд Трамп како 45 претседател на САД.