Речиси три четвртини од Американците го признаваат Трамп за легално избран претседател на САД

Речиси три четвртини од Американците, односно 74 проценти, го признаваат милијардерот Доналд Трамп за легално избран претседател на САД, покажуваат резултатите од објавената денеска анкетата на весникот „Вашингтон пост” и телевизијата Еј-Би-Си, спроведена веднаш по изборниот ден.

Според податоците на анкетата, 18 проценти од анкетираните го сметаат изборот на Трамп за нелегален.

Пред гласањето на 8 ноември, слична анкета покажа слични резултати – тогаш 79 проценти од анкетираните беа подготвени да ги признаат изборните резултати, без разлика кој ќе биде победникот.

Во денешната анкета, 58 отсто од поддржувачите на победената во изборната трка Хилари Клинтон го признаваат изборот за легитимен, а 33 проценти не се согласуваат со тоа. При тоа, 27 проценти од приврзаниците на Клинтон се цврсто убедени дека милијардерот победил нелегално.

Што се однесува на поддржувачите на Трамп, без изненадување, 99 проценти од нив го признаваат за легитимно избран претседател на земјата. Пред гласањето, само 69 проценти од нив беа подготвени да го прифатат изборниот резултат.

Анкетата е спроведена од 9 до 11 ноември меѓу 865 полнолетни Американци.

Во последните денови во многу американски градови се одржаа масовни протести против изборот на Трамп за претседател на САД.