САД до ирачките Курди: Одложете го референдумот за независност

САД побараа од ирачките Курди да го одложат референдумот за независност на автономниот курдски регион, кој е планиран за 25 септември, соопшти курдското претседателство.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон го упати тоа барање вчера за време на телефонскиот разговор со претседателот на регионалната Влада на ирачки Курдистан, Масуд Барзани.

– Кога станува збор за одложување на рефереднумот Барзани изјави дека народот на курдистанскиот регион ќе очекува гаранции и алтернативи за својата иднина, се наведува во соопштението на курдското претседателство.

Стејт департментот во јуни изрази загриженост дека референдумот ќе го сврти вниманието од „ургентните приоритети“, како што е пораз на екстремистите од Исламска држава.

САД и други западни земји се загрижени дека тоа гласање би можело да се претвори во уште едно регионално жариште.

Турција, Иран и Сирија, кои заедно со Ирак имаат голем број курдски жители се противат на независноста на Курдистан.