Шојбле по победата на Трамп: Демагошкиот популизам не е проблем само на САД

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, изрази загриженост од „алармантната состојба“ во политичката дискусија на Западот по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, пренесе ДПА.

„Демагошкиот популизам не е само американски проблем. Во други делови на Западот политичката дебата, исто така, е во алармантна состојба“, напиша Шојбле во статија во весникот „Билд“.

Според него, веќе е беззначајно дали тврдењата што се даваат во политичките дискусии имаат нешто заедничко со вистината, особено на интернет.

„Главно е луѓето да бидат шокирани. Секој треба да е подготвен да учи. Доколку сте отворени кон туѓите мислења и кон различните начини на мислење, демагошкиот популизам нема да успее“, посочува Шојбле за весникот.

Видни германски политичари веќе резервирано реагираа на изборот на Трамп за американски претседател.

Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер вчера изјави дека овој изборен резултат значи дека надворешната политика на САД може да стане понепревидлива и дека партнерите треба да се подготвени за еднострани одлуки на САД.

Канцеларката Ангела Меркел му честира на Трамп за победата на изборите, но како услов за соработка го потенцира придржувањето до некои општоприфатени вредности.