„Шпигел“: НАТО разгледува сценарија во кои САД би ги повлекла своите војници од ЕУ

НАТО стравуваше од победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД бидејќи тој повеќепати покажа скептицизам во однос на Алијансата. Сега во Брисел не ја исклучуваат можноста Вашингтон, под новата администрација, да одлучи да повлече дел од своите војници во Европа, пишува германското списание „Шпигел“, цитирано од ТАСС.

Во таен извештај на штабот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вака се опишува сценариото во кое Трамп е претседател на САД. Во него експертите разигруваат варијанти во кои Трамп ја реализира својата закана за помало учество на американските војници во чувањето на европската безбедност или дури и повлекување на дел од американските војници од континентот, пишува „Шпигел“.

Доколку Трамп навистина преземе таков чекор тешко дека ќе можат да се надоместат загубите, дури и од земји како Германија, бидејќи тие немаат воени единици кои би можеле да ги заменат американските. Имено, овој фактор може да ги доведе владите на ЕУ до разгледување на улогата на нуклеарното оружје во системот за одбрана на Алијансата, пишува списанието.

Во својата предизборна кампања Доналд Трамп даде серија остри изјави на адреса на сојузниците во НАТО. Тој, освен тоа, изјавуваше дека „САД преземаат непропорционално поголем дел од трошоците на НАТО”.

Земјите од НАТО треба да учествуваат во заедничкиот фонд на Алијансата со не помалку од два процента од својот БДП. САД плаќаат 3,6 процента, а Велика Британија – 2,1 процента. Останатите земји не го исполнуваат овој критериум, на пример, делот на Германија е 1,2 процент од БДП, или 40 милијарди долари, забележува ТАСС.