Сите патуваат со авион: Речиси милијарда патници минатата година користеле авиотранспорт во ЕУ

Вкупно 927,7 милиони лица патувале со авион во Европската унија во 2016 година, што е за 5,9 проценти повеќе од 2015 година, а дури 29,1 отсто повеќе во однос на 2009 година, објави денеска Европската канцеларија за статистика (Евростат).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ланскиот воздушен сообраќај на патници од Унијата, најмногу (47 отсто) се одвивал во границите на самата ЕУ, а шест лица од Европската унија лани го загубиле животот во авионска несреќа.
Во споредба на земјите-членки на ЕУ, највисок број на авиопатувања се остварени во Велика Британија, каде вкупниот број на патници за 2016 година изнесувал 216 милиони. По Обединетото Кралство следува Германија со 201 милиони патници, па Шпанија (194 милиони лица), Франција (145 милиони) и Италија (135 милиони). Генерално, според Евростат, бројот на авиопатувања во ЕУ е зоглемена кај сите земји-членки, освен во Белгија (каде 2,7 отсто помалку луѓе патувале во 2016 во однос на 2015 година) и Словенија (минус 2,2 проценти ).
Најголемо зголемување на процентот на авиопатувања од земјите-членки на Унијата е забележано во Бугарија (22,5 отсто), а потоа следуваат Романија (20,5) и Кипар (18,1 проценти).
Во однос на аеродромите, очекувано лондонскиот „Хитроу“ остана најголемиот патнички аеродром во ЕУ и во 2016 година, со 75,7 милиони патници, со еден процент зголемување во однос на 2015 година. По британскиот Национален аеродром следуваат „Шарл Де Гол“ (Париз) со 65,8 милиони патници, „Схипхол“ (Амстердам) со 63,6 милиони и аеродромот во Франкфурт на Мајна со 60,7 милиони патници во 2016 година