Уапсен потпретседателот на Самсунг

Потпретседателот на Самсунг електроникс Ли Џае Јонг беше уапсен во Јужна Кореја поради обвинение дека е поврзан со скандалот за корупција кој доведе до импичмент на претседателката Парк Геун Хје. Канцеларијата на специјалниот обвинител претходно побара да се уапси и претседателот на Самсунг, но судот во Сеул го отфрли тоа барање. Граѓаните на Јужна Кореја сепак се со поделени мислења во врска со апсењето, некои сметаат дека овој потег би можел лошо да влијае врз економијата на земјата.

„Според мене ова апсење е срамота. Оригиналната цел на специјалното обивинителство беше претседателката Парк Геун Хје, и сега бидејќи не најдоа доволно докази за неа за време на истрагата, мораа да го уапсат Ли, мислам дека ова навистина ќе се одрази на економијата на нашата земја“, изјави Сео Јонг Сеок, жител на Сеул.

Според обвинителството, Самсунг исплатил 10-ци милиони долари за организации поврзани со блиска пријателка на претседателката Парк со цел да ја обезбеди владината поддршка за зделка на компанијата. Ли сега се товари за поткуп, проневера и криење средства во странство, меѓутоа Самсунг и Ли ги негираа обвинувањата.

Јужнокорејскиот парламент изгласа импичмент на претседателката Парк на 9 декември минатата година, а како резултат на гласањето како вршител на функцијата беше поставен премиерот Хуанг Кјо Ан.

Подготви: Тиана Станковиќ