Во Турција издадени налози за апсење на 25 војници

Турските власти издале налози за апсење на 25 војници низ целата земја, но и во северниот дел на Кипар, населен со Турци, соопштија безбедносните власти.

Операцијата е дел од мерките кои официјална Анкара ги презема по неуспешнииот обид за пуч минатата година.

Властите бараат војници, кои се на активна должност и на различни позиции во турската армија, во 13 провинции и во северниот дел на Кипар, соопштија истите извори.

Обвинителите во југоисточната провинција Мардин го наложиле апсењето на војниците поради „тајни воени структури“ на мрежата на муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој со години живее во егзил во САД, и кого Анкара го обвинува за организирање на обидот за државен удар.

Од јули 2016 година, кога се случи обидот за пуч, турските власти уапсија повеќе од 50.000 луѓе, кои се соочуваат со судење поради обвинувањата за поврзаност со Ѓулен, а 150.000 луѓе беа разрешени или суспендирани од нивните функции во војската или во јавниот и приватниот сектор.