Самсоненко: Ова е последна сезона за мене во трите клубови

Главниот финансиер на ФК Вардар, РК Вардар и ЖРК Вардар Сергеј Самсоненко во писмо до јавноста најавува дека ова ќе биде неговата последна сезона во трите клубови.

Во писмото, главниот финансиер на трите „црвено-црни“ колективи изразува вознемиреност од сето она што, посочува, го прочитал во медиумите, на социјалните мрежи, порталите…и воедно, прашува со што тој и неговите од Вардар заслужиле такви навреди.

– Македонија е дом за мене и за моето семејство веќе 11 години, во овој период од срце инвестирав огромни средства во развој на спортовите во земјава, наведува тој во писмото.

Самсоненко посочува дека цената на ниту еден билет не може ниту, пак, тој сака да го врати тоа што го вложил без никаква задршка во македонскиот ракомет, фудбал, тенис и друго… и токму поради тоа, нагласува, од негово име и од името на Управата на ФК Вардар, донел одлука за заминување од клубовите.

– Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци… и сакам да кажам, доста е. Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какво што доживеав во изминативе денови. Ви благодарам многу, се чини дека ова е  надомест за  сè  што направив. Доста е, одлуката, колку и да ми беше тешко, ја донесов. Ова е последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија, истакнува Самсоненко во писмото.

Тој најавува дека по оваа сезона ќе ги врати трите клуба на поранешните сопственици, како што наведува, во одлична состојба, со шампионски титули, добар ранкинг и без долгови.

Во врска со билетите за натпреварот Вардар-Фенербахче одлучил да се продаваат сите билети по единечна цена од 300 денари, без разлика на сектор или трибина. На сите кои купиле билет по стара цена, средствата ќе им бидат рефундирани, наведува Самсоненко во писмото.